дома Култура Ансамблот „Танец“ на голема балканска турнеја, ќе го промовира македонското културно наследство

Ансамблот „Танец“ на голема балканска турнеја, ќе го промовира македонското културно наследство

Ансамблот „Танец“ на голема балканска турнеја, ќе го промовира македонското културно наследство

  Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ вечер ќе настапи во Културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“ во градот Валпово во Хрватска, со што ќе ја почне големата балканска турнеја насловена „Ритамот на душата-бојата на традицијата“, која е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство.

Од Националната установа-ансамбл за народни игри и песни „Танец“ соопштија дека турнејата претставува исклучителна можност за публиката низ регионот да го доживее богатството и убавината на македонскиот фолклор преку врвните изведби на нашите уметници.

Во рамки на турнејата ансамблот ќе настапи: на 26 септември во „Прешерново Гледалишче“ во Крањ во Словенија, на 28 септември во Das MuTh – Konzertsaal, Bühne & Programm, во Виена во Австрија, а на 30 септември во Домот на културата во градот Лакташи во Босна и Херцеговина.

Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма која вклучува дел од најпознатите и најавтентичните македонски народни ора и песни, како и некои од поновите кореографии кои сведочат за постојаниот развој на ансамблот. „Танец“ повеќе од седум децении е амбасадор на македонската култура ширум светот, а оваа турнеја е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство. Со своите впечатливи костими, автентична музика „Танец“ носи парче од македонската душа на секоја сцена. Оваа турнеја има за цел да го претстави и промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите, информираат од НУ Ансамбл за народни игри и песни „Танец“.

Настапите на „Танец“ ќе бидат вистински празник за очите и душата, публиката ќе има можност да ужива во безвремените ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“ и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија. Оваа турнеја е повеќе од обични настапи; таа е културна мисија и со истата ќе покажеме дека нашата традиција и уметност се живи и дека можат да ги обединат луѓето преку убавината на музиката и играта, посочуваат од Националната установа.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е основан во 1949 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонското културно богатство. Со своите 76 години постоење, „Танец“ има настапувано на најпрестижните светски сцени, добивајќи признанија за својата уметничка изведба и зачувување на традицијата. Нивната мисија е да ја негуваат и промовираат македонската народна култура низ целиот свет.

ПредходнаПромоција на „Воин на бессони ноќи“ од Стојанов во кочанската библиотека „Искра“
СледнаУставниот суд ќе ја разгледува Одлуката на Владата за утврдување на бројот на членовите на советите на општините