дома Македонија Политика Отворено-Ред навреди, ред „извинувања“ меѓу Мицкоски и Арсовска

Отворено-Ред навреди, ред „извинувања“ меѓу Мицкоски и Арсовска

Премиерот Христијан Мицкоски по десетти пат се извини што ја поддржал Данела Арсовска во кандидатурата за Град Скопје. Се „извини“ и Арсовска. „Се извинувам што мислев дека си чесен“, му порача таа на Мицкоски

„За ѓубрето во Скопје ќе има одговорност со име и презиме“, порача премиерот Христијан Мицкоски, по хаосот којшто му се случува на главниот град кој со денови е затрупан во отпад. Во пресрет на локалните избори во октомври, тој повторно се извини што го поддржал изборот на актуелната градоначалничка Данела Арсовска и порача дека „на 19 октомври Орце Ѓорѓиевски ќе биде избран за градоначалник на Град Скопје и првите 72 часа ќе има генералка од сметот кој што ќе го остават овие што ќе заминат.

„А, потоа следи одговорност“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Ѓорче Петров.

Хаосот со ѓубрето којшто му се случува на главниот град, со денови предизвикува полемики меѓу надлежните институции коишто си ја префрлаат одговорноста еден на друг. овој проблем предизвика и жестока препирка меѓу премиерот Христијан Мицкоски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, зад чија кандидатура на минатите локални избори застана и ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски: „Чувствувам одговорност – се извинив најмалку 10 пати“

„Чувствувам одговорност и сум се извинил најмалку 10 пати. И еве повторно ќе кажам, се извинувам што тогаш застанав зад независниот кандидат Данела Арсовска. И затоа сум го кажал тоа најмалку 10 пати дека таа грешка повеќе нема да ја повториме“, рече Мицкоски пред новинарите.

Затоа рече дека на следните избори ќе победи Орце Ѓорѓиевски уште во првиот круг и како што самиот се обврза пред скопјани, во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и ќе го исчисти Градот Скопје од смет.

Премиерот Христијан Мицкоски
Се извинувам што застанав позади независниот кандидат Данела Арсовска, рече Мицкоски 

Тој потсети на ситуацијата кога градоначалниците од скопските општини се самоорганизирале да го соберат сметот и оти одговорните тогаш во депонијата Дрисла ја затвориле портата, а градоначалниците добиле и кривични пријави. „Простете ни, јас сум одговорен човек, претседател на Влада, претседател на најголемата политичка партија и не можам да дозволам и да жртвувам градоначалници кои се избрани од граѓаните за некој фрустрациите да ги покажува на нив“, рече премиерот.

Арсовска: „Се извинувам што мислев дека си чесен“

Преку објава на социјалните мрежи, и скопската градоначалничка Данела Арсовска, упати извинување до граѓаните, влегувајќи во полемика со премиерот.

„Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си. Администрација во град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе кои се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од вас, тоа се луѓе кои вие и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години“, порача Арсовска на Фејсбук.

 Таа вели дека Мицкоски и администрацијата имаат одговорностзатоа што претседателот на советот на Град Скопје и советниците на ВМРО-ДПМНЕ „четири години го блокираа и урнисаа градот“.

„Не гласаа за нови автобуси, не гласаа за бесплатен превоз, не дозволија да се набави нова механизација за да се чисти ѓубрето, не гласаа ништо во интерес на граѓаните за да биде задоволена твојата суета. Ни за вработување на нови пожарникари, ни за нови противпожарни возила им кажа да не гласаат!“, вели Арсовска.

Препукнувањата на релација локална и централна власт околу проблемите со коишто се соочува главниот град, се провлекуваат речиси секојдневно во изминатите четири години. Арсовска тврдеше дека „рацете и се заврзани“, додека градоначалниците на скопските општини се обединија и бараа начини како да ја отповикаат од функцијата.

ПредходнаТри знаци кои се чувствуваат предадени ако пријателите не ги поканат на дружење понекогаш
СледнаУапсен осомничен за кибер напади врз аеродроми низ Европа