Американските воздушни напади врз бродови за шверц на дрога во Карипското Море се „чин на тиранија“, изјави колумбискиот претседател Густаво Петро во интервју за Би-Би-Си.Петро, исто така, побара кривично гонење на американски функционери доколку истрагите покажат дека во нападите се убиени колумбиски граѓани.
17 лица убиени
Нападите, во кои, според извештаите, од почетокот на овој месец загинаа 17 лица, се оправдуваат од американскиот претседател Доналд Трамп како неопходна мерка за запирање на протокот на фентанил и други нелегални наркотици во Соединетите Американски Држави. Сепак, правните експерти и пратениците изразија сомнежи за легалноста на ваквите дејствија, предупредувајќи дека тие би можеле да ги прекршат меѓународните закони за човекови права.
„Зошто да се лансира ракета кога едноставно може да се запре бродот и да се уапси екипажот?“, праша Петро. „Тоа би се нарекло убиство.“
„Нема потреба да се убие никоj“
Во разговор за Би-Би-Си, колумбискиот претседател нагласи дека треба да има „нула смртни случаи“ при запирање на моторни чамци за кои постои сомневање дека шверцуваат дрога.
„Имаме долга историја на соработка со американски и други агенции за спроведување заплени на поморски кокаин“, рече тој. „Никој досега не умрел. Нема потреба да се убива никого.“ Тој додаде дека принципот на пропорционалност на силата е прекршен „ако користите нешто повеќе од пиштол“.
Според администрацијата на Трамп, нападите во меѓународни води се првенствено насочени кон соседна Венецуела. Сепак, САД дадоа многу малку детали за целите и убиените лица, а тврдењата дека членови на бандата Трен де Арагва биле на првиот нападнат брод се оспорени.
Затоа демократските пратеници во Вашингтон побараа одговори од Белата куќа за легалноста на нападите, кои експертите на Обединетите нации ги опишаа како вонсудски егзекуции.

Затегнување на односите
На прашањето за коментарите на Питер, Белата куќа рече дека Трамп е „подготвен да го искористи секој елемент од американската моќ за да го запре напливот на дрога во нашата земја и да ги изведе одговорните пред лицето на правдата“.
Интервјуто е спроведено во Њујорк, каде што светските лидери се собираат на годишната сесија на Обединетите нации. Петро ја искористи можноста да ја обвини администрацијата на Трамп дека го понижува својот народ, велејќи дека јужноамериканските нации како неговата нема да „се поклонат пред кралот“.
Односите се влошија уште повеќе откако Трамп се врати на функцијата во јануари, заострувајќи ја реториката и трговските политики кон цела Латинска Америка.
Тој, исто така, започна голема операција за депортирање на луѓе за кои тврди дека нелегално ја преминале јужната граница на САД, а неколку организации за трговија со дрога во Мексико и на други места ги прогласи за терористички организации. Меѓу нив, покрај Трен де Арагва, е и Картелот на Сонцето, група за која САД тврдат дека е предводена од венецуелскиот лидер Николас Мадуро и други високи функционери.
Во изминатите два месеци, американската војска го зголеми своето присуство во јужниот дел на Карибите, распоредувајќи дополнителни воени бродови и илјадници маринци и морнари. Петро претходно се судри со својот американски колега.
Кога го прашале дали сега ризикува дополнително да ја изолира својата земја, тој одговорил дека Трамп е тој што ги изолира САД со својата надворешна политика. „Трамп веќе ме навреди за време на претседателската кампања, ме нарече терорист“, заклучил Петро.