Водечкиот светски добавувач на автомобилската индустрија, „Бош“, соопшти дека ќе отпушти 13.000 луѓе во Германија до 2030 година, пренесе Би-би-си. Компанијата наведува дека нејзините капацитети во земјата се недоволно искористени во споредба со кинеските конкуренти, што предизвика незадоволство кај синдикатот ИГ метал.
Околу три проценти од глобалната работна сила на „Бош“ е погодена од овој план, кој се однесува на автомобилската дивизија (мобилност). Таа мора да ги намали трошоците за 2,5 милијарди евра годишно за да ја одржи својата конкурентност, соопшти групата.
Ова намалување претставува речиси десет проценти од работната сила на „Бош“ во Германија и ќе влијае на неколку фабрики, вклучувајќи го и планираното затворање во Вајблинген, близу седиштето на групата во Штутгарт.
Производителите и добавувачите на автомобили во Германија страдаат од намалување на глобалната побарувачка, растечки трошоци, кинеска конкуренција и, во поново време, растечките американски царини.