
Шумската терапија, практика што подразбира долги прошетки во природа и за која се смета дека помага за намалување на стресот, намалување на крвниот притисок и зајакнување на имунитетот, се воведува во словенечкиот образовен систем во градот Накло.
Биотехничкиот центар Накло ја предводи иницијативата за интеграција на шумската терапија во наставната програма, како и организирање работилници.
Здравствените придобивки од оваа практика делумно се припишуваат на фитонцидите – природни антимикробни соединенија што ги ослободуваат дрвјата, а за кои научните истражувања покажале дека можат да ги намалат воспалителните процеси во организмот.
Истражувања од Јапонија и Јужна Кореја укажуваат и на други позитивни ефекти, како намалување на анксиозноста, подобрување на меморијата и концентрацијата, како и поквалитетен сон.
Програмата во Накло, наменета за ученици и вработени, ја води Мојца Логар, членка на првата генерација сертифицирани водичи за шумска терапија во Словенија.
– Шумската терапија опфаќа двочасовни до тричасовни прошетки низ шумата, при што систематски ги отвораме сите пет сетила. Преку вежби за дишење и свесност се трудиме учесниците да постигнат состојба на релаксација и да ги примат позитивните ефекти од природата – вели Логар.
Иако здравствените придобивки се потврдени, сè уште не е познато кога шумската терапија ќе стане дел од официјалниот здравствен систем во Словенија.
Логар нагласува дека оваа практика е глобален тренд и едноставно, ефикасно решение за современиот човек во потрага по рамнотежа на умот, телото и духот.