Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ѝ понуди помош на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во апсењето на водачите на нарко-картелот Трен де Арагва откако САД распоредија војници за спроведување операции против трговијата со дрога на Карибите, објави Блумберг.

Мадуро му го даде предлогот на американскиот претставник Ричард Гренел на почетокот на септември, а во писмо до Трамп повика на директен дијалог за намалување на тензиите, соопштија извори запознаени со ситуацијата.
Во писмото, Мадуро ги отфрли тврдењата на САД дека Венецуела игра голема улога во трговијата со дрога, истакнувајќи дека само пет проценти од дрогата произведена во Колумбија се транспортира низ Венецуела, од која, како што рече, 70 проценти се уништуваат од венецуелските власти.
„Претседателе, се надевам дека заедно можеме да ги надминеме лагите што ги оцрнија нашите односи, кои мора да бидат историски и мирни“, напиша Мадуро во писмото. Тој рече дека е отворен за директни и искрени разговори со специјалниот претставник Ричард Гренел за да се надмине медиумската бучава и лажните вести.