Предложениот мировен план за Газа од 21 точка на американскиот претседател Доналд Трамп предвидува сите заложници да бидат ослободени во рок од 48 часа од постигнувањето договор во замена за постепено повлекување на израелските сили од Газа, изјави за CNN извор запознаен со предлогот, кој беше споделен со арапските лидери претходно оваа недела.
Сè уште не е познато дали предлогот, кој би можел да биде ревидиран во наредните денови, е презентиран на палестинската милитантна група Хамас.
Планот веројатно ќе биде проследен преку Катар до остатокот од преговарачкиот тим на Хамас во Доха.
Трамп изрази оптимизам за решавање на конфликтот, велејќи дека денес се „многу блиску“ до постигнување договор.
Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес вети дека ќе продолжи војната сè додека Хамас не биде уништен.
Арапските лидери во голема мера го поддржуваат предлогот, иако не го сметаат за совршен.
Тие сакаат конфликтот да заврши што е можно поскоро, рече изворот.
Според изворот, оваа верзија на планот не вклучува временска рамка за повлекување на израелските сили.
Во оваа верзија конкретно се наведува дека Израел нема повторно да го нападне Катар, додаде неименуваниот извор.
Исто така, се наведува дека не може да има присилно раселување од Газа.
Планот, според изворот, предвидува дека Хамас нема да има никаква улога во управувањето со Газа во иднина и предвидува две нивоа на привремена администрација: меѓународно надзорно тело и палестински комитет.
Според изворот, нема временска рамка за пренос на власта од привремената администрација на Палестинската самоуправа.
Предлогот предвидува улога за ОН во обезбедувањето хуманитарна помош и не го споменува Хуманитарниот фонд за Газа, рече неименуваниот извор.
Планот не наведува дека САД ќе поддржат палестинска држава, туку признава дека тоа е аспирација на Палестинците.