Дваесетина олдтајмери од кои најголем дел од Западна Европа и САД тргнаа од плоштадот „Јадран“ во Скопје и ќе поминат 1060 километри низ Македонија и Грција во наредните седум дена.
Олдтајмерите се дел од „Бахус класик релито“ што за првпат се одржува на овие простори и со кое државата се става како нова дестинација за олдтајмер релија од премиум ранг.
Возилата обележани со ознаката „Бахус класик“ ќе може да се видат на 1 октомври на плоштадот во Охрид и на 2 октомври на крајната дестинација пред хотелот Хилтон во Скопје околу 17 часот.
Церемонијалниот старт се одржа синоќа со претставување на олдтајмерите, од кои некои за првпат се дојдени на овие простори.
Релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (FIVA) која обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на олдтајмери од повеќе од 70 држави. Во календарот на (FIVA) има околу 20 настани од овој тип, а Бахус класик релито е едно од нив.
Партнер на релито е Classic Gala Schwetzingen каде за првпат беше промовирано релито во меѓународни рамки.