дома Свет Балкан Маринакис демантира дека фотографијата на Мицотакис со Трамп е лажна

Маринакис демантира дека фотографијата на Мицотакис со Трамп е лажна

Маринакис демантира дека фотографијата на Мицотакис со Трамп е лажна

 – Премиерот беше на приемот организиран од претседателот на САД, прес-центарот на грчкиот премиер, ја доби фотографијата од надлежната канцеларија на Белата куќа, посочи портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите во однос на шпекулациите во Грција дали фотографијата на премерот на Кирјакос Мицотакис и неговата сопруга со брачниот пар Трамп е вистинска или станува збор за фотошопирана слика, јави дописничката на МИА од Атина.

Коментарите во Грција, пред сè од корисници на социјалните мрежи, но и во некои од медиумите, не се ништо поразлични од оние што беа присутни и кај нас во изминатите денови за фотографијата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со Доналд и Меланија Трамп, токму од истиот прием.

Односно дека станува збор за лажна фотографија, дека можеби е фотошоп и никогаш немало средба, со оглед на позицијата на телото на американскиот претседател.

На конкретната фотографија на Мицотакис со Трамп се осврна и лидерот на радикално десничарската партија Грчко решение, Кирјакос Велопулос споделувајќи на Икс вест дека се работи за фејк-њуз, додека пак весникот „Димократиа“, денеска има слична насловна страница дека станува збор за монтирана слика во фотошоп.

Портпаролот на грчката Влада, одговарајќи на новинарско прашање рече дека е жално што на брифинзите со новинарите се губи време „со такви смешни работи“, но и посочи дека сепак можеби „постојат луѓе кои можеби поверувале, бидејќи поверувале многу посериозни фејк-њуз“.

– За жал и некои политички лидери и некои весници, видовме денеска дека е на насловна страна, го сметаат ова за главна тема. Но, бидејќи луѓето треба да ја знаат вистината поткрепена со факти и документи, бидејќи живееме во ера на апсолутен обид за доведување во заблуда и во Грција и во светот. Овде ја имам електронската пошта што ја добивме од официјалниот фотограф од Белата куќа во која ни ја прикачија фотографијата. Па така, и лидерот на политичката партија што имаше објава и весникот со денешната насловна страница, треба да направат две работи, имаат две опции. Или да се извинат дека погрешиле или да ги обвинат соработниците на претседателот на САД дека измонтирале слика, за која не знам што би сакале да постигнат, со оглед на тоа што премиерот присуствуваше на конкретниот прием-свеченост, рече Маринакис.

На социјалните мрежи во Грција во изматите денови се правеа „анализи“ за тоа дали е автентична фотографијата на Мицотакис со Трамп, споредувајќи ја со фотографиите на американскиот претседател со другите светски лидери, а кај нас коментарите беа и дека претседателката се сликала со восочни фигури, по што самата излезе со објаснување и демант.

-Почитувани, Ве информирам дека фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп. Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, напиша претседателката на социјалните мрежи и упати апел до медиумите за „професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип“.

Конкретниот став на македонската претседателка беше вклучен и во текстот за проверка на фактите од „Ellinika hoaxes“ под наслов „Дезинформации за фотомонтажата на фотографиите за спомен од приемот на Доналд Трамп за 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН“, во кој детално се анализираат низ фотографии на претседателот Трамп и тврдењата дека не се вистински.

-Слично тврдење беше раширено и во врска со фотографијата на парот Трамп и претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која преку соопштение на нејзината официјална Фејсбук страница го демантираше тврдењето, наведувајќи дека нејзината фотографија е автентична, карактеризирајќи ги како „злонамерни“ натписите во медиумите кои говорат за фигури, пишува во текстот на грчкиот сајт за проверка на факти „Ellinika hoaxes“.

Дополнително потсетуваат дека слична појава беше забележан и во септември 2019 година, за време на приемот што го организираше претседателот на САД во Њујорк за 74-то Генерално собрание на ОН и потсетуваат на текстот од порталот „Infowar“, што тогаш објави дека на најмалку 12 фотографии, претседателот на САД и неговата сопруга изгледаат како да не се помрднале ниту еден сантиметар.

МИА

ПредходнаЕУ се менува радикално. „Се соочуваме со момент на Франц Фердинанд“
СледнаЗлатните резерви на САД надминаа 1 трилион долари