Од утре започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје, со кој управува ЕСМ.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, таа може да започне и порано, односно од 1 октомври, доколку прогнозата за средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12 степени.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, за утре е прогнозирана средна надворешна температура од 10 степени, со што се исполнети условите за предвремен почеток на грејната сезона.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.