дома Македонија Црна хроника Уште десет сомнителни „кардиолошки случаи“ пријавени во ФЗО, досега вкупно 23

Уште десет сомнителни „кардиолошки случаи“ пријавени во ФЗО, досега вкупно 23

Уште десет „кардиолошки случаи“ стигнале во Фондот за здравствено осигурување од индивидуи и организации за сомнителни операции, а оттаму велат ќе ги достават до Министерството за здравство.

Претходно, до нив стигнаа и пет предмети кои сега ги разгледува домашната комисија. Според извори на Телма нови десетина случаи ќе достави и приватна болница за сомнителни операции кои биле вршени во државно здравство.

Ресорното министерството, пред две недели, побара од Лекарската комора да изврши надзор во 11 јавни и приватни здравствени установи во кои се извршувале кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции.

Надзорот, како што појаснуваат од Комората, треба да опфати период од три години, и да се изведе по принцип на случаен избор на медицински истории. Но, поради обемноста, велат побарале од здравство изборот да се направи преку електронскиот систем „Мој термин“, како најбрз начин за селекција, со цел побрзо да почне надзорот.

Согласно барањето на Министерството за здравство треба да се направат вкупно 165 надзори.

Случајот за непотребни операции на срце го отвори кардиологот Сашко Кедев. По обвинувањата дека приватни болници непотребно оперирале само за профит, министерот за здравство формираше две комисии, домашна и странска, кои треба да ги разгледаат сомнежите.

Експерти од Словенија, Италија и Австрија ќе треба да кажат дали сомнежите се оправдани и дали навистина имало непотребни операции на срце за да се извлечат фондовски пари. Сепак, најавено е дека странската комисија ќе почне со работа по изборите.

ПредходнаПротест:11 месеци од трагедијата – прошетки и свеќи низ цела Србија
СледнаДо 5 октомври аплицирање за субвенциониран студентски оброк