Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција до ОЈО Скопје, на 15 септември годинава поднесоа кривична пријава против Л.Г. (57) од Струмица, за сторено кривично дело „измама во службата “ член 355 став 1 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Пријавената Л.Г. во својство на судија од Основен суд Струмица во 2018 година, како што велат од МВР, била избрана за член на Судски совет, од редот на судии од апелационо подрачје Штип, при што, согласно член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот на советот има право на надомест на трошоци за превоз во висина од вистинските трошоци за јавен сообраќај.
Согласно тоа, пријавената Л.Г. поднела барање, кон кое доставила копија од лична карта, одлука за избор за судија и изјава заверена на нотар дека таа или член од нејзиното потесно семејство немаат стан или куќа во нивна сопственост во местото каде ја извршува функцијата.
– Пријавената Л.Г. во 2022 година имала промена на имотна состојба, односно нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот-стан во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет, за што од страна на Судски совет на пријавената за период од септември 2022 година (како месец по стекнувањето на имотот) до декември 2023 година (кога и престанало правото на надомест на трошоци за превоз по нејзино доставено известување на ден 15.01.2024) во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет на РСМ, се наведува во соопштението.