Воздушниот сообраќај беше запрен ноќеска на аеродромот во Минхен поради прелет на дрон чие потекло се истражува, изјави портпарол на германската полиција за АФП, откако неколку европски земји пријавија воздушни упади што ѝ се припишуваат на Русија.
Според соопштението од аеродромската служба, 17 летови што тргнуваа од Минхен беа откажани таа вечер, што влијаеше на речиси 3.000 патници.
И петнаесет летови што требаше да слетаат во Минхен беа пренасочени кон Штутгарт, Нирнберг, Виена или Франкфурт.
Според „Билд“, аеродромот е отворен утрово.
За потсетување, аеродромот во Минхен редовно се затвора од полноќ до раните утрински часови за да ги заштити жителите од бучава, но ова суспендирање беше невообичаено и се случи во време на зголемен сообраќај поради бројните посетители на Октоберфест.
Патниците добија креветчиња и ќебиња
На патниците кои останаа во Минхен им беа обезбедени креветчиња, ќебиња, пијалоци и закуски, се додава во соопштението.
Во четврток околу 21:30 часот, неколку луѓе забележале дронови во близина на аеродромот, потврди портпаролот на полицијата.
Баварските власти започнаа истрага за да ги идентификуваат дроновите и нивното потекло.
Двете писти се затворени
Дроновите потоа повторно беа забележани, овој пат над аеродромската зона, што доведе до затворање на обете писти околу 22:30 часот.
Овој инцидент се случил пред последниот викенд од Октоберфест, кој секојдневно пречекува стотици илјади луѓе во Минхен.
Фестивалот на пиво во баварскиот град беше затворен половина ден во среда по закана со бомба.
Висока тревога
Германија е во состојба на зголемена готовност поради заканата од беспилотни летала откако неколку европски земји, вклучувајќи ги Полска и Данска, пријавија неодамнешни руски упади во нивниот воздушен простор.
Во четврток, лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ се состанаа во Копенхаген за да разговараат за зголемениот број на упади и да разговараат за воспоставување „ѕид“ против беспилотни летала.
Минатиот петок, рој дронови беа забележани над германската покраина Шлезвиг-Холштајн.
Германската влада објави дека има намера да ги овласти вооружените сили да ги соборат уредите.