Чешките граѓани денес и утре излегуваат на гласачки места за да изберат нов парламент, долниот дом на чешкиот парламент.
Вкупно 26 партии и коалиции ќе се натпреваруваат за 200 места, четири повеќе отколку на изборите во 2021 година, објави Чешкото радио.
На листите се регистрирани 4.463 кандидати, што значи дека во просек 22 лица се кандидираат за едно место.
Право на глас имаат околу осум милиони гласачи.
Избирачките места ќе бидат отворени денес од 14:00 до 22:00 часот, а утре од 10:00 до 14:00 часот.
Броењето на гласовите ќе започне веднаш по затворањето на гласачките места, а првите прелиминарни резултати се очекуваат утре околу 18:00 часот.
Според изборната комисија, повеќе од 24.000 чешки граѓани се регистрирале за гласање од странство.
Поради временската разлика, гласањето во Соединетите Американски Држави започна вчера и ќе заврши денес.
Аналитичарите проценуваат дека седум партии имаат реални шанси да го преминат изборниот праг и да влезат во парламентот.
Се очекува конечните резултати да бидат познати утре вечер.
Главен фаворит е поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, кој, според анкетите, би можел да добие 30 проценти од гласовите.
Со нападот на Русија врз Украина, сегашниот чешки премиер Петр Фијала и неговиот сојуз од три конзервативни партии, наречен Заедно, ја направија заканата од Москва клучна тема на кампањата, објавува АП.
Опозицијата предводена од Бабиш го обвинува Фијала за проблемите во последните години, од енергетската криза до инфлацијата, и ветува дека ќе ја поништи неговата пензиска реформа и ќе ја намали помошта за Украина.
Чешкиот претседател Петр Павел на почетокот на септември изјави дека по изборите на 3 и 4 октомври најверојатно ќе биде формирана сосема поинаква влада.
Бабиш ги негираше тврдењата дека има посебен став кон Русија и објави дека планира да ја суспендира чешката иницијатива со која се обезбедени околу 3,5 милиони артилериски гранати за Украина на пазари надвор од ЕУ, според АП. Според прогнозите, Бабиш ќе добие околу 30 проценти од гласовите, но тоа нема да биде доволно за самостојно формирање влада, а ќе му требаат еден или двајца коалициски партнери, според американската агенција.