Белата куќа синоќа соопшти дека многу сериозно ги сфаќа извештаите за руските поморски провокации, откако данската разузнавачка служба претходно објави дека руските воени бродови преземаат повеќекратни акции во нејзините теснеци што го поврзуваат Балтичкото Море со Северното Море.

„Ова е нешто што администрацијата го сфаќа многу сериозно и ние постојано го следиме. Советот за национална безбедност тука во Белата куќа е во постојана кореспонденција со нашите сојузници од НАТО, а американскиот претседател Доналд Трамп исто така разговара со многу од нив“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за новинарите на брифинг.
Порано вчера, директорот на данското воено разузнавање, Томас Аренкил, изјави дека проценил дека Русија во моментов води хибридна војна против нордиската земја, како и против Западот.
„Ова значи дека Русија користи воени методи, вклучително и агресивни, за да изврши притисок врз нас, но без да ја премине границата во отворен вооружен конфликт“, рече Аренкил.




