Судијата на претходна постапка планира да го упати случајот до судскиот совет во ноември 2025 година. Судиите оценија дека постои ризик од попречување на постапката и извршување нови кривични дела од страна на обвинетите.
Поранешните лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, остануваат во притвор во Специјализираните совети во Хаг поради ризик од влијание врз сведоците и попречување на постапката. Причината зошто четворицата водачи на ОВК, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, се уште се во притвор е тоа што постои ризик тие да се мешаат во постапката со влијание врз сведоците , изјави портпаролот на Специјализираните совети, Мајкл Дојл.
„Причината зошто секој од четворицата обвинети во овој случај сè уште е во притвор е тоа што судиите процениле дека постои ризик секој од нив да го наруши текот на постапката и да изврши нови кривични дела, особено против лица кои сведочеле или се очекува да сведочат пред Специјализираните совети“, рече Дојл.
Зборувајќи за случајот против Хашим Тачи, Башким Смакај, Фадиље Фазљиу, Исниј Киљај и Хајредин Кучи во врска со обвинувањата за незаконско влијание врз сведоци, Дојл рече дека на 29 септември Обвинителството го информирало судијата за претходната постапка за фактите за кои страните се согласиле, пренесува „Репортери“ .
„За да се забрза постапката, Деловникот предвидува судијата да ги евидентира сите фактички или правни точки за кои се согласиле Обвинителството и Одбраната пред почетокот на судењето. Ве потсетуваме дека судијката за претходна постапка објави дека планира да го упати предметот на судечкиот совет во првата половина на ноември 2025 година, во зависност од одлуките по претходните приговори за кои треба да одлучи Жалбениот совет“, изјави Дојл.
По сведочењето на поранешниот заменик-шеф на УНМИК, Џејмс Кови, на судењето на Тачи, Весели, Сељими и Красниќи, адвокатот на Тачи, Лука Мишетиќ, изјави дека одбраната нема да може да го заврши својот случај до 14 ноември, како што претходно утврди судот.





