– Американскиот претседател Доналд Трамп лично им гарантираше на арапските земји дека Израел нема повторно да започне војна, како дел од мировниот план за Газа, објави Фајненшл тајмс, повикувајќи се на извори.
„Трамп лично им гарантираше (на Арапите) дека Израел нема повторно да започне војна“, изјави неименуван извор за британскиот весник, додека друг извор запознаен со разговорите меѓу Белата куќа и арапските претставници ја потврди информацијата.
На 29 септември, Трамп презентираше план од 20 точки кој предвидува итен прекин на огнот под услов Хамас да ги ослободи заложниците во рок од 72 часа.
Планот, исто така, бара од Хамас и слични групи да не учествуваат во идното управување со Газа.
Трамп рече дека очекува првата фаза од планот, вклучително и ослободувањето на заложниците, да биде завршена во рок од седум дена.
Порано денес, делегација на Хамас предводена од високиот функционер Калил ал-Хаја пристигна во Египет за да преговара за предлогот на Трамп за прекин на војната во Газа. Според планот на Трамп, Израел треба да ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотни затворски казни, како и повеќе од 1.700 Палестинци од Газа кои беа уапсени по 7 октомври 2023 година.