Секоја одлука на Европската Унија (ЕУ) да користи замрзнати руски државни средства за да ѝ помогне на Украина мора да биде во согласност со меѓународното право, а Европската централна банка (ЕЦБ) е „многу внимателна“ во врска со процесот, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, цитирана од Ројтерс.
ЕУ бара начин да ја финансира одбраната и обновата на Украина со дел од руските државни средства во вредност од 210 милијарди евра замрзнати на Запад од почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Бидејќи целосната конфискација би била нелегална, политичкото раководство на блокот работи на план за инвестирање на руските пари во обврзници без купон издадени од Европската комисија (ЕК) со гаранции од владите на ЕУ.
Потоа ЕУ ќе ги искористи парите за да обезбеди „кредит за репарација“ за Украина.
„Очекуваме секоја шема што ќе се дискутира и евентуално ќе се воведе во одреден момент да се спроведе во согласност со меѓународните правила, со меѓународното право“, изјави Лагард пред европратениците во Стразбур.
Лагард е загрижена дека правно контроверзниот потег би ја нарушил довербата во еврото и би ги обесхрабрил инвеститорите да чуваат средства во евра, што потенцијално би ја оштетило финансиската стабилност.
„Од моја перспектива, и со оглед на финансиската стабилност и силата на еврото, ќе следиме многу внимателно за да се осигураме дека она што се предлага е во согласност со меѓународното право и е во согласност со финансиската стабилност“, рече Лагард за време на парламентарното сослушување.
Кога руските средства беа замрзнати на почетокот на војната, парите беа инвестирани во обврзници. Парите се блокирани во централниот депозитар за хартии од вредност „Еуроклеар“ во Белгија.
Лагард рече дека за секоја одлука мора да се согласат сите земји што поседуваат руски средства.