Лидерката на крајно десничарската партија Национален собир (RN), Марин Ле Пен, по оставката на францускиот премиер Себастијан Ле Корнеј изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон има само две опции – или да поднесе оставка или да го распушти парламентот.
Во видео објавено на платформата X, Ле Пен изјави дека првата опција „зависи од свеста на еден човек“, повикувајќи го претседателот да размисли повторно и „можеби да стане свесен“, што, како што изјави таа, би било корисно за Франција.
„Што се однесува до распуштањето на парламентот, тоа е неповратен чин и неопходен за одбрана на интересите на Франција, со цел да се излезе од сегашната смртоносна стагнација“, тврди Ле Пен, ветувајќи радикално поинаква насока, како што објави телевизијата TF1 синоќа.
Според неа, оставката на Ле Корнеј покажува дека „нема алтернатива на мнозинството што би можело да се формира во сегашниот парламент.
Соочена со „ќорсокак“ и „криза на режимот“, Ле Пен верува дека „решението“ лежи повеќе од кога било во рацете на францускиот претседател.
Ле Корнеј поднесе оставка само неколку часа по презентирањето на составот на својот кабинет, што ја прави оваа администрација најкратка во модерната француска историја.
Како што претходно објави француската телевизија BFM, Макрон сега се соочува со ограничени опции – може да го распушти парламентот, како што бара крајната десница (RN), да поднесе оставка, како што бара крајната левица (LFI) или да назначи премиер од редовите на левицата, како што бараат екологистите и социјалистите.