дома ТОП ВЕСТИ Оружен инцидент во центарот на Куманово, рането едно лице

Оружен инцидент во центарот на Куманово, рането едно лице

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат, соопшти Јавното обвинителство (ЈО) по информациите дека повредениот е носител на листа на ДУИ за општина Липково за престојните локални избори. ДУИ бара од институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.

Едно лице е повредено попладнево(7 октомври) на улицата зад зградата на општина Куманово, откако врз него било пукано од возило во движење. Повредениот е З. Ш. (43) од с. Слупчане, општина Липково и тој е пренесен во кумановската болница, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Телевизија Телма објави дека ранетиот е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково.

Јавното обвинителство (ЈО) соопшти дека првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат.

„Двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е приведено едно лице, а по напаѓачот се трага“, соопшти Јавното обвинителство.

ДУИ го осуди „варварскиот чин на насилство“ и ги прекинува сите денешни активности

Демократската унија за интеграција (ДУИ) соопшти дека во знак на солидарност со повредениот и за да ја нагласиме сериозноста на настанот, партијата одлучила да ги прекине сите денешни активности.

ДУИ бара од институциите да преземат конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.

„Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат и носител на листата во Општина Липково, кој беше застрелан од маскирани лица и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега. Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“, соопштија од ДУИ.

Партијата им порачува на поддржувачите, симпатизери и граѓани да останат смирени и да не подлегнуваат на провокации.

„Вреди“ го осуди насилството и апелира на смиреност и воздржаност

Коалицијата „Вреди“ го осуди насилството во Куманово и апелира на смиреност и воздржаност.

„Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела кои го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните. Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, соопштија од „Вреди“.

Пукале две лица, повредениот не е во животна опасност

Министерството за внатрешни работи соопшти дека инцидентот се случил денеска во 13.54 часот, кога во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул. „Димитрије Туцовиќ“ со ул. „11 Октомври“ во Куманово, две лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило ‘фолксваген голф’, управувано од З.Ш.(43) од с.Слупчане, општина Липково.

„Тој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош“, соопшти МВР.

Кривична пријава против три лица за пукањето во Чаир

Полициски екипи се на терен и вршат увид, а блокирана е улицата „11 Октомври“ на која покрај зградата на локалната самоуправа, се сместени и судот, полицијата и поштата.

Д-р Сашо Стошевски, директор на кумановската болница, за МИА потврдил дека повредениот е надвор од животна опасност.

 Во Северна Македонија на 19 октомври ќе се одржат локални избори. Во тек е 20-дневната предизборна кампања./RSE
ПредходнаПретреси во домови за стари лица во Скопје под сомненија за нехуман третман
СледнаДУИ ги откажува денешните активности: Остро го осудуваме варварскиот чин на насилство врз д-р Шахини и бараме од МВР и ОЈО веднаш да реагираат