Претседателот на Република Српска Милорад Додик синоќа изјави дека Русија и САД треба да формираат комисија за Балканот и оцени дека Европската Унија повеќе нема потенцијал да се занимава со Балканот и дека сè што досега направила во таа област било погрешно.
Додик оцени дека секој ден станува сè појасно дека европските земји „не знаат како да ги решат своите проблеми, а камоли оние на другите“ и дека насобраните проблеми на Балканот би можеле да ги решат Русија и САД, преку комисија за Балканот што би ја формирале двете светски сили, а која би ја предводела Унгарија.
Тој рече дека Будимпешта ја разбира ситуацијата на Балканот, како и Москва, додека новата администрација во Вашингтон е сè поразбирлива, пренесува RTRS.
„Исто така, прифаќаме Русија и Америка, како глобални сили, да формираат балканска комисија што би се занимавала со Балканот, вклучувајќи го и нашиот“, рече Додик.
Тој рече дека неодамна разговарал за ова со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи.
Рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухов, рече дека комисијата за Балканот може да биде „механизам“, дури и дел од дијалогот меѓу Русија и САД.