Напаѓачот од Виница, кој минатата недела крвнички го претепа Имит Скопко, кандидат за советник на претстојните избори од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе одговара за нанесување тешка телесна повреда, соопшти Јавното обвинителство.

„Осомничениот 37-годишник, на 2 октомври, на паркинг-простор пред ресторан во Виница, со умисла тешко телесно повредил едно лице и му го довел во опасност животот. Откако започнал вербална расправија со оштетениот во ресторанот, осомничениот пред објектот најпрво го фатил оштетениот за јакната и му задал повеќе удари со тупаници во стомакот. Потоа продолжиле да се туркаат и да се удираат со камења. Присутни лица се обиделе да ги раздвојат, но во еден момент осомничениот со камен го удрил оштетениот во задниот дел од главата и тој од ударот паднал во бесознание. Му била нанесена тешка телесна повреда – скршеница на черепот на главата, поради која оштетениот се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност“, пишува во соопштението од ОЈО.
Обвинителството бара на осомничениот да му се одреди притвор од 30 дена.




