Македонија денеска го одбележува Денот на народното востание, ден кога во 1941 година во Прилеп и Куманово почнува востанието против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ.
Во Скопје по повод празникот ќе биде доделена државната награда 11 Октомври.
Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар.
Под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ во Центарот за култура „Марко Цепенков во Прилеп ќе се одржи свечена академија на која ќе се обрати претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
11 Октомври претставува еден од најзначајните датуми во македонската историја – симбол на отпорот, храброста и борбата за слобода. Тој ден во 1941 година, Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.