Адвокатската комора на Македонија денеска го примила дописот од јавниот обвинител Љупчо Коцевски во врска со предметот за пожарот во дискотеката во Кочани. Наводите во писмото ги оценува како неосновани.
– Во дописот неосновано се тврди дека адвокатите изнесуваат свои ставови и коментари по однос на поднесеното обвинение „без воопшто да се запознаени со содржината на оибвинението и доказниот материјал“. Ова не е точно бидејќи сите адвокати го имаат добиено обвинението, а со поднесување на обвинението истото е достапно за јавноста со што се достапни и сите наводи и докази во обвинението, велат од Комората.
Според Адвокатската комора, адвокатите со ништо не го нарушиле угледот на Судот и имаат право и должност на слобода на изразување, односно да изнесуваат правни мислења, критички осврти и коментари поврзани со постапки од јавен интерес.
– Согласно Уставот, законите, одлуките на Европскиот суд за човекови права, како и Конвецијата на Советот на Европа за заштита на професијата адвокат, истите имаат право и должност на слобода на изразување, односно да изнесуваат правни мислења, критички осврти или коментари поврзани со постапки од јавен интерес. Исто така, согласно горецитираните домашни и меѓународни акти, адвокатите имаат право да ја информираат јавноста за прашања поврзани со случаите на нивните клиенти. Од наводите во дописот не произлегува дека адвокатите го нарушиле угледот на судот и институциите пред кои се јавуваат. Ова дотолку повеќе, што досега немаме никаква реакција од судовите дека им бил нарушен нивниот угледот. Останува нејасно зошто Јавниот обвинител на РСМ навлегува во надлежноста на судот, велат од Комората.
За Комората, зачудува и реакцијата на јавниот обвинител околу изјавите на дел од адвокатите дека судскиот процес ќе трае долго.
– Во изминатиот период, сведоци сме дека повеќе правни експерти, стручната јавност, како и лица компетентни за следење на судските постапки недвосмилено укажуваат дека со оглед на бројот на обвинети лица, како и бројот на оштетени лица очекувано е дека судската постапка ќе трае долго. Оттаму е безмалку зачудувачка реакцијата во дописот кога истото го навестуваат и адвокатите, се вели во реакцијата од Комората.
Велат дека будно ги следат случувањата и постапувањата во врска со трагичниот настан и дека досега немаат утврдено дека ниту еден од адвокатите, на каков било начин, ја одолговлекувал или оневозможувал постапката.




