– Морталитетот кај младите во Источна Европа е зголемен во последната деценија, дури и кога глобалните стапки на смртност се намалија, при што зголемувањето на смртните случаи во регионот е предизвикано од употреба на дрога, самоубиство и војна, додека земјотресите и климатските катастрофи дополнително ја зголемија стапката на смртност.
Извештајот „Глобален товар на болести“, објавен во неделното издание на Лансет и презентиран на Светскиот здравствен самит во Берлин, анализираше податоци од повеќе од 200 земји и територии за да ги процени водечките причини за болести, смртност и предвремена смрт во периодот од 1990 до 2023 година, објави Политико од Брисел.
Помеѓу 2000 и 2023 година, имаше значително зголемување на бројот на смртни случаи кај младите возрасни лица во Источна Европа, предизвикани од ХИВ, самоповредување и насилство.
Во Централна Европа, смртните случаи од ментални и нарушувања во исхраната, исто така, драматично се зголемија кај адолесцентите во последната деценија.
Овој тренд го одразува глобалниот феномен, порастот на нарушувањата на менталното здравје, при што глобалните стапки на анксиозност се зголемија за 63 проценти и депресијата за 26 проценти.
Извештајот, исто така, покажува неколку позитивни трендови – глобалните стапки на смртност се намалија за 67 проценти помеѓу 1950 и 2023 година, додека просечниот животен век во 2023 година беше за повеќе од 20 години повисок во споредба со 1950 година.
И покрај овие подобрувања, студијата укажува на „нова криза“ на повисоки стапки на смртност кај тинејџерите и младите возрасни лица во одредени региони.
Во Источна Европа, најголемото зголемување на смртноста беше кај луѓето на возраст од 15-19 и 20-24 години, со зголемување од 54 проценти и 40 проценти, соодветно, помеѓу 2011 и 2023 година.