Познатиот регионален бренд Плазма започна со производство во Лагос, Нигерија, правејќи го својот прв настап на африканскиот пазар. Проектот е резултат на соработка помеѓу Бамби, Кока-Кола ХБЦ Груп, Нигериската компанија за ботлинг (NBC) и Сона Груп, локален производител на бисквити, објави компанијата.
Плазма е првично српски бренд произведен од компанијата Бамби од Пожаревац, членка на групацијата Coca-Cola HBC, а во последниве години се позиционираше како регионален производ присутен на повеќе од 30 пазари низ целиот свет.
Производството во Нигерија е наменето исклучиво за локалниот пазар и се одвива во фабриката на „Сона груп“ во Лагос, додека рецептот, пакувањето и комуникациската кампања се прилагодени на нигериските потрошувачи.
Според соопштението на компанијата, проектот е започнат во 2022 година и завршен за три години. Со овој потег, „Бамби“, која е дел од групацијата „Кока-Кола ХБЦ“, станува регионален центар за развој и производство на бисквити во рамките на системот.
Стратешка експанзија
Влегувањето на нигерискиот пазар, еден од најголемите во Африка со население од речиси 240 милиони, го означува почетокот на поширока експанзија на брендот како дел од глобалната стратегија на „Кока-Кола ХБЦ“. Локалното производство, велат од компанијата, ќе овозможи побрз пристап до потрошувачите, развој на нови партнерства и локално вработување.
„Ова е историски момент не само за Плазма, туку и за целиот регионален сектор за производи за широка потрошувачка. Иако Плазма со години се извезува на повеќе од 30 пазари низ целиот свет, ова е прв пат Плазма да се произведува надвор од нашите граници. Влегувањето на најголемиот африкански пазар, со речиси 240 милиони жители, е огромен успех и потврда за силата на Плазма. Со започнувањето на производството, го надминавме првиот голем предизвик. Следниот е да ги освоиме срцата на потрошувачите во Нигерија“, коментираше извршниот директор на Бамби, Драган Стајковиќ.