Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова очекува помош од Европската Унија во пронаоѓање на излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции.
На средбата со шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која вчера беше во посета на земјава, Сиљановска-Давкова оценила дека иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство, би било храбра одлука, што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор.
Во соопштението од Кабинетот на претседателката лиферувано еден ден подоцна, се наведува дека Сиљановска-Давкова ја реафирмирала посветеноста на државата кон исполнување на полноправното членство во Европската унија и изразила подготвеност за подготвеност за македонско-бугарски разговори по завршување на локалните избори.
– Таа ги спореди Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика: во првиот, земјите, членки на ЕУ, застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па и блокирааат политичкиот пат на соседот кон Брисел, информираат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Предупредила на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализацијата на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхагенските критериуми, не само во регионални рамки, туку и пошироко. Воедно, потсетила на кршењето на некои фундаментални принципи и вредности на основните конститутивни акти на ЕУ што ги гарантираат националниот и културниот идентитет на државите и нациите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните.
Според Сиљановска-Давкова, земјата мора да ја насочи енергијата кон реформите во судството и бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот.
Претседателката Урсула фон дер Лајен ја нагласила јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздравила значајниот прогрес постигнат во рамки на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред.