Претстојните локални избори во Северна Македонија ќе претставуваат клучен тест за политичката зрелост на земјата, но и за стабилноста на актуелната влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски, покажува најновата анализа на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (IFIMES) од Љубљана.
Анализата предупредува дека резултатите од изборите ќе имаат далекусежни последици врз односот на силите меѓу албанските политички субјекти, како и врз иднината на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Според проценките, ВМРО-ДПМНЕ би можела да изгуби над 50.000 гласачи во споредба со последните парламентарни избори, кога партијата ја достигна својата максимална поддршка. Овој пад се поврзува со сериозни слабости во владеењето, меѓу кои се истакнува недостатокот на реформски капацитет, растечкиот популизам и политичките злоупотреби. Особено внимание привлекува случајот „Дискотека Кочани“, кој според IFIMES се претвори во симбол на моралното и институционалното пропаѓање на системот, дополнително нарушувајќи ја довербата на граѓаните во институциите.
-Иако владата бележи одредени позитивни резултати, како фискална стабилност и инфраструктурни проекти, тие не се доволни за да ја прикријат растечката недоверба, се наведува во анализата.
Анализата нагласува дека само преку политичка волја за спроведување на суштински реформи, враќање на довербата кај граѓаните и фокусирање на реалните потреби на населението, Северна Македонија може да влезе во нова фаза на политичка стабилност и општествен напредок.
IFIMES укажува на потребата од меѓународен мониторинг и транспарентност, особено во контекст на случајот „Кочани“, како предуслов за воспоставување стабилна и реформска политика на локално и национално ниво. Во спротивно, локалните избори би можеле да го означат почетокот на политичкиот пад на Христијан Мицкоски и отворање простор за нова политичка алтернатива која ќе понуди реформски пристап и нова визија за иднината на земјата.