дома Локално ЗНМ: На новинарите не им треба акредитација за да направат фотографии на...

ЗНМ: На новинарите не им треба акредитација за да направат фотографии на гласачко место

Денеска, на избирачкото место 2648 во Влае, општина Карпош, новинарката на Мета.мк, Антонија Јаневска, беше спречена да фотографира за потребите на медиумот, со образложение дека немала акредитација издадена од ДИК
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) апелира до Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии и Министерството за внатрешни работи (МВР) да обезбедуваат непречен пристап и услови за работа за новинарите и медиумските работници на сите избирачки места. Оттаму укажуваат дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места.

Во ЗНМ потсетуваат дека професионалното, навремено и точно информирање на јавноста за текот на изборниот процес е од суштинско значење за довербата во изборите.

Денеска, на избирачкото место 2648 во Влае, општина Карпош, новинарката на Мета.мк, Антонија Јаневска, беше спречена да фотографира за потребите на медиумот, со образложение дека немала акредитација издадена од ДИК. Откако на крајот било разјаснето дека нема потреба да се има акредитација од ДИК за да се снима/фотографира, туку само прес-легитимација од медиумот во кој новинарката работи, ѝ било дозволено да направи фотографии, но само од гласачките кутии и параваните, а не и од членовите на изборната комисија. Во времето кога таа фотографирала, гласањето било „паузирано“, односно на гласачите им било речено да почекаат за наводна заштита на личните податоци. Случајот не беше пријавен во ЗНМ.

Освен овој случај, ЗНМ информира за уште три слични денешни случаи, во кои на новинари и новинарски екипи им било попречено правото да работат.

Во истата општина Карпош, само на избирачко место 2626,  заменик претседателот на комисијата се обидел да ѝ го одземе телефонот на новинарката и уредничка на Порталб.мк, Елида Зулбеари. Интервенирала полицијата, а од ЗНМ најавија дека ќе побараат од ДИК да преземе санкции за службеникот.

„Во Охрид на избирачко место 1270, на екипа од јавниот сервис ѝ беше оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека, покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот беше овозможен и работата продолжи. А во Тетово, пак, новинар беше попречен да земе изјава од страна на членови на избирачкиот одбор, со упатување на „недостиг на акредитација“, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Во здружението апелираат до ДИК и до МВР итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот.

„ЗНМ повикува и на почитување на изборниот ред: новинарите имаат право да снимаат општ амбиент и изјави, без нарушување на тајноста на гласањето и без оневозможување на текот на постапката. Ги повикуваме избирачките одбори од сите изборни места да овозможат непречен влез на новинарските екипи со видлива новинарска легитимација, да дозволат снимање и изјави во просторот каде што тоа не се загрозува тајноста на гласањето, при недоразбирања, прво да побараат насоки од ОИК/ДИК, наместо да го ограничат пристапот. Ги охрабруваме и новинарите, фоторепортерите и снимателите секогаш да ја носат новинарската легитимација и да се претстават доколку тоа е побарано, да ги почитуваат насоките на одборот, кога истите се однесуваат на тајноста на гласањето, при какво било попречување, веднаш да го евидентираат случајот (време, место, избирачко место, лица) и да се обратат до ЗНМ“, апелираат во ЗНМ.

ПредходнаИзлезеноста до 15 часот 31,16 проценти, ист одѕив има и во Град Скопје
СледнаМВР: Две лица се уапсени во Прилеп за поткуп при гласање