Јавното обвинителство на Република Северна Македонија вечерва информираше дека мал е бројот на информации кои упатуваат на евентуални индиции за сторени кривични дела поврзани со изборите.
Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, кој е претседател на привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на постапувањето по евентуални кривични дела поврзани со изборите, информираше за случаи по кои постапуваат јавните обвинителства.
ОЈО Велес презема дејствија за испитување на наводи за поткуп при избори и гласање, против две лица во селото Согле во општина Чашка, а исто така и ОЈО Крива Паланка постапува по наводи за поткуп на гласачи.
ОЈО Куманово постапува по проверка на два издвоени случаи за телефонски влијанија врз гласачи во Куманово и во Кратово, додека ОЈО Скопје е информирано од МВР за две лица во општина Чаир кои одбиле да се легитимираат и за две фотографирања на гласачко чивче во Гази Баба што во суштина е прекршок.
По наводи за поткуп при избори постапува ВЈО Прилеп за настан во Крушево и ОЈО Охрид за настан во Охрид, каде три лица во возило, по оперативни сознанија на МВР биле запрени и во возилото биле пронајдени банкноти од по 2.000 денари и наводни списоци на гласачи.
На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип, не се примени писмени известувања за кривични дела поврзани со изборите, но по усно известување за наводен поткуп на гласачи постапува ОЈО Свети Николе, додека ОЈО Штип и ОЈО Кочани постапувале по индиции за поткуп и притисок врз гласачи но наводите биле проверени и не се потврдени.
По објавени информации во медиумите оформени се предмети по допрен глас и се испитуваат евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и во Желино, а ОЈО Кичево постапува и по информација за нерегуларности при гласањето на едно болно и изнемоштено лице во Македонски Брод.
Во ОЈО Тетово е заведен предмет и против непознат сторител на кривично дело повреда на тајноста на гласањето, бидејќи фотографија на гласачко ливче се појавила на социјални мрежи.
Станува збор за изолирани настани, а обвинителствата даваат приоритет на нивно итно расчистување.