Седум милиони луѓе, според организаторите, се собраа вчера во САД на повеќе од 2.700 мирни собири против политиките на американскиот претседател Доналд Трамп. Од Њујорк до Сан Франциско, преку Чикаго, Њу Орлеанс и малите градови во централниот дел на САД, приближно седум милиони луѓе учествуваа на повеќе од 2.700 собири, според организаторите.

Коалицијата обединета под слоганот „Без кралеви“ веќе организираше добро посетени протести на роденденот на Доналд Трамп кон средината на јуни, на кои, според организаторите, се проценува дека учествувале околу пет милиони демонстранти.
Овие бројки е невозможно да се потврдат бидејќи американските власти не објавуваат проценки на национално ниво.
И покрај ова, собирите во саботата беа најголемото протестно движење во земјата откако републиканците се вратија на власт.
Критика на „авторитарното преземање на власта“
На големи демонстрации или десетици помали по патиштата, Американци од сите возрасти се собраа во фестивалска атмосфера за да го осудат она што го нарекуваат „авторитарно преземање на власта“ од страна на Доналд Трамп и неговите соработници.
„Тие ја уништуваат демократијата“, осуди Исак Хардер, средношколец интервјуиран од АФП во главниот град Вашингтон. „Ова не е Америка, ова е фашизам“.
„Како можеше ова да се случи?“, изјави за АФП Џенифер Брајант, адвокатка од Хјустон. „Работите се движат толку брзо; тие ги уништуваат нашите институции, отпуштаат државни службеници и одземаат јавни средства.“
Хуморот како одговор на обвинувањата
Соочени со обвинувањата од републиканскиот табор дека промовираат „омраза кон Америка“, па дури и дека ги споредуваат со терористи, демонстрантите одговорија со хумор.
Некои од нив одеа облечени во костими на пингвини, јастози или нилски коњи, додека други гордо го мавтаа американското знаме како одговор на нападите од десницата.
Различни постери со Доналд Трамп облечен како Сталин, кралот на Англија, па дури и кралот-сонце Луј XIV беа видени на паради низ целата земја, а беа повторени и повиците до републиканците да ја напуштат власта.
Трамп не ги коментираше протестите во саботата, а претходно оваа недела само накратко изјави за „Фокс њуз“ дека „не е крал“.
На собирите беа присутни и неколку истакнати американски левичари како Берни Сандерс и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.