УКРАИНИЧКИОТ претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина „никогаш нема да отстапи или заборави“ ништо од Русија, најавувајќи зајакнување на одбранбената и енергетската соработка со меѓународните партнери. Киев активно работи на обезбедување воена и енергетска поддршка за наредниот период, пишува „Јунајтед24 Медиа“ .
Во своето последно обраќање, Зеленски откри дека Украина соработува со европските сојузници за проширување на програмата PURL и зголемување на купувањето американско оружје. Посебен акцент е ставен на системите за воздушна одбрана и можностите за ракети со долг дострел.
Во тек се и нови договори со неколку земји поврзани со оружје и одбранбени технологии. Претходно беше објавено дека Зеленски имал состаноци со водечките американски одбранбени компании „Рејтеон“ и „Локид Мартин“, специјално за проширување на соработката во овие области.
„Унифицирана позиција за реален притисок врз Русија“
Паралелно со зајакнувањето на одбраната, Киев работи на обезбедување снабдување со енергија и гас за претстојната зима.
Според претседателот, до Вашингтон се доставени предлози за инфраструктурни проекти поврзани со производство на гас и нуклеарна енергија. Зеленски ја нагласи растечката улога на Соединетите Американски Држави во поддршката на енергетската независност на Европа, наведувајќи дека Вашингтон е подготвен да обезбеди доволно гас и нафта за да го замени рускиот увоз.
Став во преговорите
Коментирајќи ги мировните преговори, Зеленски го поддржа повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот по сегашната фронтова линија како почетна точка за разговори.
Прашањето за територијална контрола, рече тој, ќе биде дискутирано во рамките на преговорите, но во моментов „најважно е да се седне и да се разговара за прекин на огнот“. Неговата изјава следеше по извештајот на „Вашингтон пост“ дека Владимир Путин наводно му понудил на Трамп договор во кој Русија ќе се откаже од контролата врз регионите Запорожје и Херсон во замена за целиот регион Донецк.
Сепак, Зеленски беше јасен во својот став кон Русија: „Ние нема да му дадеме ништо на агресорот и нема да заборавиме ништо. Јасно гледаме дека оваа Русија е долгорочна закана. Затоа, на Европа ѝ е потребна долгорочна соработка и опипливи резултати – и на краток и на долг рок – за да можат луѓето да живеат.“