Долниот дом на парламентот на Јапонија ја избра Санае Такаичи, лидерка на владејачката Либерално-демократска партија, за премиер на земјата. Со оваа победа, со 237 гласови од вкупно 465 пратеници, Такаичи го отвори патот за нејзината инаугурација како прва жена премиер во земјата, објавува АП.

Такаичи е 64-четиригодишна конзервативна политичарка, која, како што наведува Би-би-си, е позната како јапонската „Железна дама“ поради инспирацијата што ја наоѓа во поранешната британска премиерка Маргарет Тачер.
Таа стапува на функцијата премиер откако нејзиниот претходник, Шигеру Ишиба си поднесе оставка.
Инаку, ова беше нејзин трет обид да стане премиер на Јапонија, кој се покажа како успешен, а ќе биде четврти носител на оваа функција во последните пет години во земјата, откако партијата чиј член е ја потресоа низа скандали во овој период.
Такаичи е членка на Либерално-демократската партија на Јапонија, која го обезбеди потребното мнозинство за нејзин избор за премиер формирајќи коалиција со десничарската Јапонска партија на иновации (Japan Inovation Party).
Таа на гласањето доби 237 гласа во Долниот дом на парламентот на земјата и 125 во Горниот дом, со што го победи својот противник од редовите на опозицијата, Јошихико Нода.
Такаичи, како што ја опишуваат агенциите, е долгогодишна политичарка позната по своите тврди десничарски ставови, кои вклучуваат поддршка за зајакнување на јапонската војска, ревидирање на пацифистичкиот устав, спротивставување на истополовите бракови и промена на законите што ги регулатираат презимињата на брачните парови.
Новата премиерка на Јапонија, која претходно ги извршуваше функциите министер за внатрешни работи, за економска безбедност и за родова еднаквост, важи за штитеничка на покојниот шеф на владата на земјата, Шинзо Абе.
Таа, според пишувањата на медиумите, ја презема функцијата премиер во време на длабока политичка нестабилност во Јапонија, што ќе биде тест за нејзиното лидерство и способноста да ја консолидира власта во ваква ситуација.
Нејзината Либерално-демократска партија, неодамна ја прекина соработката со својот долгогодишен коалициски партнер Комеито, што дополнително ја ослабна политичката позиција на владата, која од претходно ја тресеа скандали поврзани со фондовите на земјата и внатрешни конфликти.
Меѓу приоритетните задачи што ја чекаат новата премиерка, според медиумите, се борбата против растечката инфлација, враќањето на довербата на граѓаните во институциите и подготовка за престојната средба со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, која се смета за клучна за редефинирање на односите меѓу Токио и Вашингтон, кои во последените години беа тензични.

Инаку, американскиот претседател, Трамп претходно овој месец ѝ честиташе на Такаичи за изборот во трката за лидер на нејзината партија, нарекувајќи ја нејзината победа „одлична вест“. Во таа прилика, тој ја опиша Такаичи како „високо почитувана личност со голема мудрост и сила“ и ја пофали нејзината улога како прва жена премиер на Јапонија, иако тогаш нејзиниот избор сè уште не беше потврден од парламентот на земјата.
Како одговор, Такаичи објави дека е „многу задоволна“ од пораките на американскиот претседател, наведувајќи оти се надева дека ќе соработува со Трамп за да го направи сојузот на двете земји уште посилен и попросперитетен.
Новата јапонска премиерка досега се позиционираше како сигурен партнер на САД, наведува Би-би-си. Претходно овој месец таа рече оти планира да го почитува инвестицискиот договор меѓу Јапонија и САД и да ја одржи стабилноста на билатералните врски.
Такаичи влегува на функцијата премиер со големи очекувања, но и со предизвици што би можеле да го обликуваат не само нејзиниот мандат, туку и иднината на јапонската политика.