дома Uncategorized Изборите беа конкурентни, но засенети од правни недостатоци и политичка поларизација, оценуваат...

Изборите беа конкурентни, но засенети од правни недостатоци и политичка поларизација, оценуваат меѓународните набљудувачи

  Локалните избори одржани на 19 октомври беа конкурентни и на гласачите им овозможија вистински избор меѓу различни политички алтернативи, но беа засенети од правни недостатоци, ограничени институционални капацитети и висока политичка поларизација, соопштија меѓународните набљудувачи во денешната изјава за прелиминарните наоди и заклучоци.

Изборите беа конкурентни, но засенети од правни недостатоци и политичка поларизација, оценуваат меѓународните набљудувачиСпоред заедничката набљудувачка мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа и Европскиот парламент, изборите се одвивале во атмосфера на разочараност од политиката и широко распространети перцепции за корупција.

Шефот на мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР, Матео Мекачи, посочи дека иако изборната администрација генерално ги спровела подготовките ефикасно и во согласност со законските рокови, празнините во законодавството, застарената инфраструктура и ограничените ресурси негативно влијаеле врз нејзината работа.

– Беше добро да се види конкурентна кампања во изминатите недели и добро организиран, претежно мирен изборен ден, но и натаму остануваат загрижувачки недостатоците во изборното законодавство кои го поткопуваат работењето на институциите, рече Мекачи.

Тој нагласи дека решавањето на прашањата поврзани со финансирањето на кампањата и еднаквите можности за медиумска застапеност ќе бидат во фокусот и во вториот круг од изборите на 2 ноември. Мекачи посочи дека основните слободи биле почитувани, а кандидатите можеле слободно да водат кампања, но биле забележани, како што вели, случаи на злоупотреба на јавни ресурси, како и притисоци врз вработени во јавниот сектор, заплашување на гласачи и купување гласови, што предизвикало загриженост кај набљудувачите.

– Извештаите за притисоци, заплашувања и злоупотреба на јавни ресурси се спротивни на меѓународните стандарди и остануваат сериозен предизвик, изјави Мекачи, додавајќи дека „клучните аспекти од изборниот процес бараат реформи од финансирање на кампања до еднаков пристап до медиумите за сите кандидати.“

Јавните средства сочинуваат значаен дел од вкупното финансирање, но нивната распределба, се посочува, ги фаворизира поголемите партии, оставајќи „само ограничени можности“ за малите партии и независни кандидати.

– Системските слабости во финансирањето ги фаворизираат владејачките партии и ја ограничуваат политичката конкуренција, се наведува во дел од извештајот.

Се потенцира и дека правната рамка обезбедува техничка основа за демократски избори, но содржи бројни празнини и нејаснотии кои овозможуваат различни толкувања. Иако измените на Изборниот законик од 2024 година опфатиле дел од претходните препораки на ОДИХР и Конгресот, голем дел од нив и понатаму остануваат неспроведени. Посебно внимание е посветено на одлуката на Уставниот суд од мај 2025 година, со која беа укинати одредбите за бројот на потписи потребни за независни кандидати, како и на интервенцијата на ДИК која бараше само два потписа за пријава. Иако тоа се сметало за практично решение, мисијата оцени дека интервенцијата на ДИК поставила преседан што го доведува во прашање принципот на поделба на власта.

Гобинт Ни Вимнехан, шефица на Делегацијата од Конгресот на Советот на Европа, посочи дека денот на изборите бил генерално добро организиран, но го нагласи недоволното учество на жените како кандидатки и недостатокот на пристапност за гласачите со попреченост и постари лица. Мониторингот на медиумите покажал дека известувањето било генерално избалансирано, но дека дел од медиумите, особено надвор од главниот град, не обезбедиле рамноправен пристап за сите кандидати.

– Отсуството на локални медиуми, особено надвор од главниот град, дополнително го ограничува покривањето на теми од локално значење и придонесува за поларизација на јавниот дискурс, рече таа.

Извештајот укажува и на голема присутност на дезинформации на социјалните мрежи и слаба регулација на дигиталните кампањи.

Марта Темидо, шефица на делегацијата на Европскиот парламент, изјави дека европската интеграција не била во центарот на изборната кампања, мнозинството партии и граѓани остануваат посветени на членството во ЕУ.

Меѓународната мисија беше составена од 275 набљудувачи од 40 земји, меѓу кои 253 експерти на ОБСЕ/ОДИХР, 15 членови од Конгресот на Советот на Европа и седум европратеници.

ПредходнаБез роаминг за Црна Гора и Албанија во ЕУ од јуни
СледнаВајц за ЕНР/МИА: Прашања поврзани со идентитетот го блокираат македонскиот напредок на европскиот пат