Вакцините базирани на иРНК технологијата сè повеќе го потврдуваат својот потенцијал да ја револуционизираат медицината. Новите истражувања покажуваат дека иРНК вакцините против covid-19 може да имаат неочекувана корист – да го продолжат животот на луѓето кои се подложени на третман на рак со зголемување на ефикасноста на имунотерапијата.
Анализата на медицинската евиденција на речиси 1000 пациенти со напреднат рак на кожата и белите дробови покажала дека оние кои примиле иРНК вакцина во рок од 100 дена од започнувањето на третманот со имунотерапија живееле речиси два пати подолго од оние кои не биле вакцинирани во тој период. Резултатите сега ќе бидат потврдени во клиничко испитување кое се очекува да започне до крајот на годината.
“Резултатите се извонредни”
“Резултатите се едноставно извонредни”, рече Елијас Саур од Универзитетот во Флорида, кој мисли дека еден ден би било можно да се создадат иРНК вакцини кои посебно го зголемуваат имунолошкиот одговор кај пациентите со рак.
“Можеме ли да направиме еден вид на главен клуч во форма на иРНК вакцина која ќе го разбуди имунолошкиот систем кај секој пациент со рак? Можете да го замислите потенцијалот што би го имало”, рече Саур.
Сепак, тој предупредува дека сè уште не е време за клинички препораки. “Не сакам да давам совети додека нешто не се докаже. Кога се обидувате да го искористите имунолошкиот систем за борба против ракот, секогаш постојат ризици”, рече тој, додавајќи дека пациентите треба да се држат до постоечките упатства за вакцинација.
Како вакцините влијаат врз туморите
Имунолошкиот систем често ги уништува клетките на ракот пред да станат опасни, но некои тумори успеваат да го заобиколат овој одбранбен механизам. Тие го прават ова со “исклучување” на имунолошкиот одговор со помош на т.н. Т-клетки, чија задача е да ги уништат малигните клетки.
Еден од овие “прекинувачи” е PD-1 протеинот, кој се наоѓа на површината на Т-клетките. Кога PD-1 се врзува за PD-L1 протеинот, кој се наоѓа на површината на некои клетки, се активира сигналот “не ме напаѓај”. Многу видови на рак го злоупотребуваат овој механизам со производство на големи количини на PD-L1.
Инхибиторите на имунолошките контролни точки делуваат со тоа што ги спречуваат овие протеини да се врзуваат и им овозможуваат на Т-клетките повторно да го нападнат туморот. Овие лекови, кои значително го подобриле преживувањето кај белодробен рак и меланом, им ја донеле Нобеловата награда во 2018 година.
Бројни прашања
Сепак, нивната ефикасност варира во голема мера. Ако имунолошкиот систем не реагира на туморот и не испраќа Т-клетки да го нападнат, лековите не можат да помогнат многу. Затоа сега се истражува да се комбинира имунотерапија со вакцини кои го стимулираат имунолошкиот систем да ги препознае и напаѓа туморските клетки.
Вакцините против рак обично се дизајнирани да предизвикаат реакција на мутираните протеини во клетките на ракот, често прилагодени за секој пациент. “Ние се обидуваме да откриеме што е уникатно кај нивниот тумор”, објаснува Саур. “Но потребно е многу време, пари и комплексна подготовка”.
За време на клиничките испитувања, тимот на Саиур забележал нешто изненадувачко – дури и неспецифичните иРНК вакцини кои не биле наменети за рак покажале силен ефект.
Неочекуван ефект од иРНК вакцините
“Тоа не изненади целосно”, рече тој. Во јули оваа година, тие објавија студија која покажа дека иРНК вакцините стимулираат антитуморски одговор дури и кога тие не таргетираат директно туморски протеини – барем кај глувци. Таквите вакцини го активираат вродениот имунолошки одговор кој делува како сирена за аларм: ги поттикнува Т-клетките да мигрираат од тумори во лимфните јазли, каде што потоа ги стимулираат другите клетки да започнат целна одбрана.
Ако ова е општа сопственост на иРНК вакцините, истражувачите претпоставуваат, истото може да важи и за вакцините против ковид-19. Саур и неговиот тим анализирале досиеја на пациентите третирани во центарот за рак MD Anderson во Тексас.
Од 884 луѓе со напреднат рак на белите дробови, 180 примиле иРНК вакцина против ковид во рок од 100 дена од почетокот на имунотерапијата. Нивното преживување било околу 37 месеци, во споредба со 20 месеци за невакцинираните.
Вакцини со потенцијал надвор од пандемијата
Во втората група од 210 луѓе со метастатски меланом, 43 пациенти биле вакцинирани во истиот период и имале просечно преживување помеѓу 30 и 40 месеци, во споредба со 27 месеци кај оние кои не биле вакцинирани. Некои се сè уште живи за време на анализата, што значи дека вистинскиот број може да биде дури и поголем.
Резултатите беа презентирани на конгресот на Европското друштво за медицинска онкологија (ESMO) во Берлин.
Исто така, имало изолирани случаи во кои туморите се намалиле по вакцинацијата против ковид, што укажува на тоа дека иРНК вакцините понекогаш можат да имаат антитуморски ефект дури и без имунотерапија. “Секако е можно, но се потребни повеќе истражувања”, вели Саиур.
И покрај овие наоди, САД неодамна објавија големо намалување на инвестициите во развојот на иРНК технологијата, иако овие вакцини покажаа огромни придобивки за време на пандемијата и имаат огромен потенцијал во лекувањето на болести далеку надвор од доменот на инфекцијата.