Турција ќе ја изгради првата фабрика за муниција во Косово, пишува порталот EUalive.
Турскиот државен воен гигант КМЕ потпиша договор за изградба на првата фабрика за муниција во Косово, со производствен капацитет од 20 милиони парчиња годишно. Фабриката треба да биде завршена следната година.
КМЕ ќе ги изгради сите потребни објекти и ќе обезбеди сеопфатна обука за производство, одржување и поправка.
Според договорот, компанијата ќе обезбеди машини за производство на муниција, линии за склопување, лаборатории, како и опрема за тестирање.
Иницијативата за изградба на фабриката следува по изјавата на косовскиот премиер Албин Курти на крајот на ноември минатата година за плановите за фабрика за муниција и лабораторија за дизајн на беспилотни летала, со цел зајакнување на одбранбената индустрија на Косово.
Воените врски меѓу Турција и Косово се зајакнаа во последните години. Во јули 2023 година, Приштина ги купи беспилотните летала „Базактар“ од турскиот производител „Бајкар“, а на почетокот на октомври оваа година доби илјадници беспилотни летала-самоубијци од истата компанија.
Курти го окарактеризира ова како контрамерка на територијалните претензии на Србија. Тој ја нарече изградбата на фабриката бедем против „заканите од соседна Србија“, што само го поттикнува наративот за албанска агресија што доаѓа од официјален Белград.