Министерството за финансии на САД објави нови сеопфатни санкции против двете од најголемите руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, во обид да изврши поголем притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина.
Трамп: Ова се огромни санкции
„Додека претседателот Путин продолжува да одбива да ја заврши оваа бесмислена војна, Министерството за финансии воведува санкции врз двете најголеми руски нафтени компании кои ја финансираат воената машинерија на Путин“, изјави американскиот секретар за финансии Скот Бесент.
Објавувањето на новите санкции дојде пред состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, каде што се дискутираат мировните иницијативи за Украина.
„Денес е многу важен ден за она што го правиме. Погледнете, ова се огромни санкции. Навистина големи. Тие се насочени кон нивните две најголеми нафтени компании. Се надеваме дека нема да останат на сила долго. Се надеваме дека војната ќе заврши“, рече Трамп во Белата куќа.
Одмазда по руските напади врз Украина
Санкциите беа објавени неколку часа откако Русија во среда ги започна своите најинтензивни напади врз украинските градови за еден месец, при што загинаа најмалку седум лица, меѓу кои и две деца. Нападите се случија кратко откако Трамп потврди дека планираната средба со Владимир Путин во Будимпешта е откажана.
„Сега е време да се запре убивањето и да се прогласи итен прекин на огнот“, рече Бесент, додавајќи дека неговото министерство „ќе преземе дополнителни мерки доколку е потребно за да ги поддржи напорите на претседателот да ја заврши оваа војна“.
Со овој потег, Вашингтон го следи примерот на Обединетото Кралство, кое минатата недела воведе речиси идентичен пакет санкции против „Роснефт“ и „Лукоил“.
Според податоците на британската влада, двете компании извезуваат 3,1 милиони барели нафта дневно. Само „Роснефт“ произведува речиси половина од целата руска нафта, што сочинува околу 6% од глобалното производство. Порано оваа година, САД и Велика Британија веќе воведоа санкции кон други руски енергетски гиганти, вклучувајќи ги „Газпром Нефт“ и „Сургутнефтегас“.
„Путин не е чесен преговарач“
Бесент претходно во среда за „Фокс њуз“ изјави дека претседателот Трамп е „разочаран“ од бавниот напредок на преговорите и дека верува оти Путин не преговара фер.
„Претседателот Путин не пристапи кон преговорите чесно и отворено, како што се надевавме“, рече Бесент.
Американскиот Конгрес, вклучувајќи ги и републиканските претставници, чека одобрение од Белата куќа за да гласа за нов закон со кој би се вовеле дополнителни, построги санкции кон Русија, како и кон земјите што продолжуваат да купуваат руска нафта.
Во Белата куќа, Руте разговараше со американскиот претседател за план од 12 точки, заеднички развиен од европските членки на НАТО и Украина. Планот вклучува замрзнување на сегашната линија на фронтот, враќање на депортираните деца, размена на воени заробеници, фонд за обнова на Украина, безбедносни гаранции и чекори кон членство во ЕУ и дополнителен економски притисок врз Русија.
Русија го отфрли Трамп
Трамп претходно оваа недела изјави дека не сака „бескорисна средба“ со Путин, додека Москва одбива да ги запре борбите по сегашната линија на фронтот. Рускиот портпарол Дмитриј Песков одговори дека „ставот на Русија останува непроменет“, повторувајќи го своето барање украинските сили да го напуштат Донбас.
Во исто време, Трамп ги отфрли обвинувањата на „Волстрит џурнал“ дека САД ја овластиле Украина да изврши напади со ракети со долг дострел врз руска територија, нарекувајќи ги „лажни вести“.
Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира Вашингтон да одобри испорака на крстосувачките ракети „Томахавк“, верувајќи дека самата закана од нивна употреба би можела да ја принуди Москва на сериозни преговори.