Бројот на жртви од експлозијата во фабрика во рускиот град Копејск на источните падини на Јужен Урал се искачи на девет, објави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на гувернерот на Чељабинската област Алексеј Текслер.
Претходно беше објавено дека четири лица загинале, а пет се повредени. Извештаите дека дрон се урнал во фабриката не можеа веднаш да бидат потврдени. Во својата објава на платформата за пораки Телеграм, Текслер не кажа за каков тип фабрика станува збор.
Итните служби се испратени на местото на настанот
Сепак, според локалните извештаи, фабриката произведува муниција за руската војска. Текслер претходно објави на Телеграм дека службите за итни случаи се испратени на местото на настанот за да го стават пожарот под контрола.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Киев сè повеќе користи дронови за таргетирање фабрики и енергетска инфраструктура длабоко во соседната земја. Украинските разузнавачки служби, исто така, саботираат руски одбранбени компании.