Приведени се 11 лица осомничени за лихварство и перење пари, а се трага по 35-годишник против кого е поднесена кривична пријава.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека кривична пријава е поднесена против Б.К. а од слобода лишени се Љ.Љ.(29), Д.В.(29), А.Т. (29), Д.Љ.(32), М.В.(25), М.Н.(36), А.Т.(32), З.А.(42) за кои постои основано сомневање дека како соизвршители или помагачи ги сториле двете кривични дела, додека М.К.(73), П.К.(41) и Г.С.(46) се осомничени за перење пари.
Деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година до денес се организирале во криминална група што се занимавала со давање пари со договор.
На оштетените им позајмувале пари со пресметување камата од 5% или 15% месечно за секое задоцнување. Од оштетените барале да им бидат вратени позајмените пари со пресметана камата или месечно да го исплаќаат износот по основ на камата, а кога тие не биле во можност да ја вратат позајмицата, барале да го предадат имотот со кој располагале, пренесувајќи го на име на некој од осомничените. Наплатата на паричните средства се вршела директно преку некој од осомничените или преку трансакционите сметки во банка од сметка на оштетен на сметка на некој од осомничените лица.
Дванаестмината осомничени и едно осомничено правно лице како организирана криминална група за перење на пари се стекнале со противправна имотна корист од 125.033.527 денари.
Дел од парите ги користеле за реализирање на трансакции кон сметки на правни и физички лица, дел ги презеле на сопствени сметки и со нив вршеле плаќање на своите животни потреби, со дел купувале недвижен и движен имот и воделе луксузен живот, а голем дел биле извадени во готовина.