Геополитичкиот спор околу холандскиот добавувач на чипови „Некспериа“, во кинеска сопственост, предизвикува паника кај европските производители на автомобили, при што расте стравот од уште еден недостиг на чипови што би можел да предизвика хаос во синџирите на снабдување и да ги запре производствените линии, потсетувајќи на кризата од 2022 година, објави „Политико“ .
Снабдувањето со клучни чипови од Nexperia почна да опаѓа само неколку недели откако холандската влада ја презеде контролата врз компанијата, а САД и Кина воведоа контрола врз извозот, создавајќи борба за достапните залихи.
„Наскоро ќе видиме прекини и забавувања на производството на глобално ниво, бидејќи многу добавувачи немаат доволно залихи од чипови“, рече висок функционер од автомобилската индустрија, кој зборуваше под услов да остане анонимен. „Автомобилскиот сектор е во срцето на бурата“.
Чиповите Nexperia се клучни за бројни компоненти во возилата, од воздушни перничиња до инфозабавни системи. Холандскиот производител ги предупреди своите клиенти за „непредвидени случувања што можат да влијаат на достапноста на одредени производи“, според соопштението издадено на 9 октомври. „Ова е како пандемија, кога луѓето масовно купуваа тоалетна хартија“, ја опиша ситуацијата друг извор од индустријата.
Во центарот на геополитичка бура
Кризата започна кон крајот на септември кога холандската влада, повикувајќи се на закон од 1952 година, одлучи да ја преземе контролата врз Nexperia , која беше купена од кинеската компанија Wingtech во 2019 година. Владата стравуваше дека извршниот директор на Nexperia префрла технологија и производствени средства надвор од земјата.
Одлуката дојде еден ден откако САД ги проширија контролите за извоз врз „Вингтек“ и нејзината подружница „Некспериа“. Само четири дена подоцна, Министерството за трговија на Кина воведе свои контроли за извоз врз „Некспериа Кина“, забранувајќи го извозот на компоненти произведени во Кина.
Иако чиповите на Nexperia не се технолошки најнапредни, тие се од клучно значење за производителите на автомобили: класичен автомобил содржи до 500 нивни чипови, а електрично возило дури 1000. Затоа кризата со Nexperia е на врвот на листата на приоритети во Брисел.
„Прашањето за чиповите е од големо значење, за многу аспекти на нашата политика, пред сè за енергетската транзиција“, изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо, во понеделник. Таа додаде дека комесарот за индустрија, Стефан Сежурне, разговарал со лидерите во индустријата „за да чуе од компаниите дали има недостиг“.
Компаниите веќе почнаа јавно да изразуваат загриженост. Автомобилското лоби ACEA минатата недела изјави дека е „длабоко загрижено за потенцијалот за значително нарушување“ на производството доколку не се најде брзо решение. Групата соопшти дека чиповите на Nexperia би можеле да се набават од друго место, но префрлањето на други добавувачи би траело подолго од постојните залихи.
„Фолксваген“ ги предупреди своите работници дека евентуалното запирање на производството е неизбежно, објави германскиот „Билд“.
„Nexperia не е директен снабдувач на групацијата Volkswagen. Сепак, некои делови од Nexperia се користат во нашите компоненти за возила, кои ни ги испорачуваат нашите директни добавувачи“, изјави портпарол на VW за POLITICO. „Во моментов, нашето производство не е засегнато. Сепак, со оглед на еволуирачките околности, не можат да се исклучат краткорочни ефекти врз производството.“
Нов закон за чипови е на повидок
Случајот „Некспериа“ повторно го стави во фокус опасната зависност на Европската Унија од увозот на микрочипови. По кризата во 2022 година, ЕУ го донесе Законот за чипови за зајакнување на домашното производство, но целите се уште се далеку од постигнување. Блокот сè уште не е ни блиску до својата цел да достигне 20 проценти удел во глобалниот синџир на вредност на микрочипови до 2030 година.
Европската комисија оваа недела објави дека планира да воведе втор закон за чипови во првиот квартал од следната година. И законодавците и земјите-членки на ЕУ се согласуваат дека ова е неопходно.
„Европскиот закон за чипови 2.0 е во фаза на изработка. Но, случајот „Некспериа“ покажува дека времето е кратко“, напиша во среда Херман Кварлес ван Уфорд, виш политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи.




