Лидерот на ДУИ Али Ахмети стави катанец на Националната алијанса за интеграција со својот навредлив и недостоен говор, за човек кој некогаш тврдеше дека ги претставува Албанците, велат од коалицијата ВЛЕН. Зборовите како „загари“ и „газиместан“, кои тој ги употреби во вчерашното обраќање се најјасен доказ за губењето на контролата, паниката и политичкиот крај на човек кој дваесет години го третираше својот народ како приватна сопственост, се наведува во соопштението од ВЛЕН.
„Ахмети денес повеќе не зборува како политички лидер, туку како некој што се дави во сопствениот јазик на омраза. Кога човек кој водеше две децении го нарекува својот народ ’Газиместан’ и го навредува со ’700 илјади мајки’, тогаш секој Албанец разбира дека овој човек повеќе не претставува никого, освен себеси и неговиот привилегиран круг. Албанците од Северна Македонија, и оние што гласаа за ВЛЕН и оние што гласаа за НАИ, не се ’Газиместан’, туку се горда нација, која минатата недела, на 19 октомври, демонстрираше висока демократска зрелост и зборуваше со решителност за промени“,велат од ВЛЕН.
Според ВЛЕН, на 19 октомври албанскиот народ се ослободил од страв, притисок и политичка уцена.
„На 2 ноември ќе славиме заедно и на секој агол бидејќи Албанците ќе победат во речиси сите албански општини. Оваа победа не е само за ВЛЕН, туку и за сите оние кои одбија да живеат под политичкото и моралното понижување на структура која го изгубила секој осет за насока. Али Ахмети може да продолжи со навреди, но историјата е веќе напишана: Народот проговори и го испрати кон политичката бездна“,додаваат од ВЛЕН.
Вчера по Централното претседателство на ДУИ, Ахмети порача дека нема намера да се повлече од политиката. Тој посочи дека со освоени 114 000 гласа на локалните избори и 159 советници, ДУИ е победник од партиите на Албанците, наспроти коалицијата ВЛЕН со освоени 91 000 гласови и 122 советника.
„Зошто да се повлечам од политиката? Еве ги резултатите. Ако може да најдете дали за 25 години Али Ахмети има еден пораз, тогаш ќе се повлечам. Дваесет и пет години победувавме, не само последниве три циклуси. На овие избори, како на ланските, имаме синдром на Газиместан, поразените излегуваат победници. ВЛЕН и на претходните два циклуси парламентарни и претседателски, од поразени излегоа победници. Дали е победник тој што има 159 или 122 советници?“кажа Ахмети.
На партискиот состанок на ДУИ беше донесена и одлука за предвремени парламентарни избори, на што од ВЛЕН возвратија – Ахмети да се запраша дали ќе може да се соочи со „слободниот глас на Албанците“, пред да бара избори.




