Американската разузнавачка служба (ЦИА) планирала да го користи поранешниот британски премиер Винстон Черчил во пропагандна кампања против Советскиот Сојуз кон крајот на 1950-тите, открива Телеграф врз основа на новообјавени документи.

Радио Либерти, станица тајно финансирана од ЦИА и емитувана во Источна Европа и СССР, сакала Черчил да учествува во специјална серија по повод 75-годишнината од смртта на Карл Маркс.
Целта била да се „поткопа довербата во која било форма на марксизам“.
Програмата требало да ги користи ревизионистичките мислители во Советскиот Сојуз кои се спротивставувале на строгата московска ортодоксија, промовирајќи ги западните интелектуалци и политичари за советските граѓани да ги преиспитаат комунистичките идеи.
Покрај Черчил, меѓу планираните учесници биле британските политичари Клемент Атли, Анеурин Беван, Хју Гејтскел, како и интелектуалците Артур Кестлер и Арнолд Тојнби, додека странските предлози ги вклучувале Сидни Хук, Јуџин Лионс, Винсент Ориол и Бруно Петерман.
Иако Черчил бил на списокот, нема докази дека ја прифатил поканата, а во времето на планираните емитувања одбил да патува во Вашингтон од здравствени причини.
„Обидот на ЦИА да го регрутира Черчил е типичен пример за стратегијата на САД за време на Студената војна – пропагандни операции дизајнирани да го поткопаат советскиот авторитет и да поттикнат преиспитување на марксизмот меѓу советските граѓани“, рече професорот Рори Кормак од Универзитетот во Нотингем.
Радио Слободна Европа/Радио Либерти и ЦИА одбија да коментираат за документите.




