
Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) синоќа информира дека нема никакво истекување на линдан од поранешниот индустриски комплекс ОХИС, уверувајќи дека процесот на негово чистење се одвива континуирано и безбедно.
-МЖСПП континуирано работи на решавање на еден од најголемите еколошки предизвици во земјата, чистењето на линданот во поранешниот индустриски комплекс ОХИС, се наведува во соопшптението.
Информираат дека на 22 октомври, во вечерните часови, бил спроведен вонреден инспекциски надзор на локацијата, при што било утврдено дека нема апсолутно никакво истекување на линдан ниту други нарушувања на безбедноста.
Министерството потенцира дека веќе неколку години активно работи на чистење на малиот линдански лот, каде што се постигнати значајни резултати. Паралелно се бараат најсоодветни и одржливи решенија за отпочнување на чистењето и на големиот лот, кој е следна приоритетна фаза во процесот.
„МЖСПП останува целосно посветено на транспарентност, континуиран надзор и безбедно спроведување на сите активности, со единствена цел, создавање почиста, поздрава и побезбедна животна средина за сите граѓани, се наведува во соопштението.
Од друга страна граѓаните алармираат дека се чувствува сериозна остра миризба на секое поминување покрај депонијата, која се наоѓа веднаш до патот за Драчево, и ова е невообичаено и силно.Граѓаните кои живеат во околината велат дека вака силна миризба не се чувствувала ниту кога Охис бил во полн капацитет на работа, така што ги повикуваат надлежните темелно да проверат за што станува збор.




