По речиси целодневен прекин во водоснабдувањето во Тетово, околу полноќ се очекува нормализирање на дотокот во водоводната мрежа, но јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово препорачаа водата да не се пие и да се користи само за хигиена и чистење.
Двата водоснабдителни системи беа исклучени од дистрибутивната мрежа, а причина беа интензивните врнежи од дожд што предизвикаа заматување на водата.
Според информациите од Јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово, прво во утринските часови беше исклучена новата водоводна линија која носи количини од планинските реки во реонот на Лешница поради преголема заматеност и неможноста да се пречисти во филтер станицата кај Лисец. Во текот на попладнето беше прекинат и доводот со вода од стариот водоснабдителен систем од изворите на Попова Шапка исто така поради заматеност.
-Граѓаните се замолуваат водата да ја користат само за основни потреби (како хигиена и чистење), сè додека не завршат новите лабораториски анализи. Ќе се извршат анализи, по што граѓаните ќе бидат веднаш информирани за резултатите и квалитетот на водата, информираа од ЈП „Шар“ Тетово.
Според информациите на директорот Ваљон Зеќири, поради заматената вода, три пати се празнел и чистел резервоарот кој се полни со вода од стариот водоснабдителен систем со вода од изворите околу Попова Шапка. На реонот на Попова Шапка биле измерени рекордни 55 литри вода на метар квадратен, додека во Тетово 32 литар.




