На светските пазари, цените на нафтата скокнаа за околу 7 проценти минатата недела откако Вашингтон воведе санкции врз најголемите руски производители на нафта поради војната во Украина.
Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за 7,6 проценти минатата недела, на 65,94 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 6,9 проценти, на 61,50 долари. Цените значително пораснаа пред пет дена во вечерните часови кога американскиот претседател Доналд Трамп објави санкции за руските нафтени гиганти Лукоил и Роснефт, кои заедно произведуваат повеќе од пет проценти од светската нафта.
Москва одговори велејќи дека санкциите се контрапродуктивни за потрагата по мир во Украина. Трговците стравуваат дека санкциите ќе им го отежнат снабдувањето на Кина и Индија, главните купувачи на руска нафта. Доколку тие земји целосно или делумно престанат да увезуваат руска нафта, другите добавувачи ќе мора да се вмешаат и да обезбедат околу четири милиони барели нафта дневно. Како резултат на тоа, цените на нафтата нагло пораснаа кон средината на минатата недела.
Но, на крајот од неделата, цените се стабилизираа бидејќи долго време се проценуваше дека производството ќе расте побрзо од побарувачката во иднина, со оглед на тоа што Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и другите големи производители го зголемуваат производството, додека најголемите економии во светот не растат толку брзо како што се очекуваше неодамна.




