Десет лица обвинети за сексистичко онлајн вознемирување против сопругата на францускиот претседател Емануел Макрон, Брижит Макрон , ќе бидат изведени пред суд оваа недела во Париз.

Тие се обвинети за ширење непотврдени тврдења за полот и сексуалноста на првата дама на Франција, како и за „злонамерни коментари“ за 24-годишната разлика во годините меѓу неа и нејзиниот сопруг. Доколку бидат прогласени за виновни, се соочуваат со затворска казна до две години .
Меѓу десетте обвинети е избран општински советник, сопственик на галерија и наставник , јавува Би-Би-Си.
Две од нив – новинарката Наташа Реј и интернет-гатачката Амандин Роа – веќе беа осудени минатата година за клевета откако тврдеа дека Брижит Макрон всушност е нејзин брат Жан-Мишел Троње, кој го променил полот и почнал да го користи нејзиното име .
Апелацискиот суд подоцна ги ослободи од обвинение , пресудувајќи дека нивните изјави не претставуваат клевета. Брижит Макрон и нејзиниот брат се жалат на одлуката.
Оваа теорија на заговор , според која Брижит Макрон е трансродова жена , циркулира во францускиот онлајн простор од 2017 година , кога Емануел Макрон го освои својот прв претседателски мандат.
Во последниве години, непотврдените тврдења за нејзиниот пол исто така добија на популарност во Соединетите Држави , особено откако ги прошири крајнодесничарската инфлуенсерка Кендис Овенс .
Минатиот јули, семејството Макрон поднесе тужба против Овенс , обвинувајќи ја за „игнорирање на сите веродостојни докази што ги побиваат нејзините тврдења со цел да им даде платформа на познати заговорници и клеветници“.
Адвокатот на семејството, Том Клер , за подкастот „Fame Under Fire“ на Би-Би-Си изјави дека Брижит Макрон ги сфатила обвинувањата „исклучително сериозно“ и дека тие станале „одвлекување на вниманието“ за францускиот претседател.
„Крајно е понижувачки да мора да даваш такви докази за себе“, вели Клер.
Емануел Макрон објасни дека случајот против Овенс е „прашање на одбрана на честа“ на неговата сопруга , бидејќи инфлуенсерот „свесно ширел лаги со цел да наштети, во служба на одредена идеологија и со врски со крајно десничарски лидери“.
Брижит Макрон го запознала својот иден сопруг кога била негова професорка во средно училиште . Тие се венчале во 2007 година , кога Емануел Макрон имал 29 , а Брижит 54 години .




