Истражна постапка е покрената против двете лица од „Комунална хигиена“ кои вчера беа приведени под сомнение за загрозување на животната средина со отпад согласно член 230 од Кривичниот законик.
За двајцата осомничени, Обвинителството бара да им се одреди мерка „притвор“.
– Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести, информира Обвинителството.
Ваквите сомненија, според Обвинителството, се констатирани со вонредните инспекциски надзори, како и со експертското мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од Институтот за јавно здравје на РСМ.




