Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската Унија изразува целосна солидарност со Литванија која се соочува со постојани упади на балони со хелиум за шверц во нејзиниот воздушен простор.

Во објава на социјалната мрежа X, Фон дер Лајен оцени дека ова е дестабилизација и провокација, што таа ја нарече „хибридна закана“ што ЕУ нема да ја толерира.
„Ова е уште една причина за забрзување на клучните европски иницијативи, вклучувајќи ги „Источно крило на набљудување“ и Европската иницијатива за одбрана од дронови“, нагласи претседателката на Европската комисија.
Порано денес, литванската премиерка Инга Ругине објави дека владата на земјата ќе разгледа предлог за затворање на литванско-белоруската граница на неодредено време на состанокот во среда, со исклучоци за дипломати и граѓани на ЕУ што патуваат од Белорусија, и додаде дека земјата не ја исклучува можноста за свикување консултации за активирање на Член 4 од НАТО алијансата.
„Владата ќе одржи состанок во среда, а ние веќе подготвивме одлука за затворање на границата со Белорусија на неодредено време, со одредени исклучоци. Ова значи дека дипломатите и дипломатските пратки ќе можат да патуваат, како и нашите граѓани и граѓаните на ЕУ од Белорусија, но целиот друг сообраќај ќе биде затворен“, рече Ругиње на прес-конференција објавена од порталот Делфи.
Таа рече дека Литванија ќе ги координира санкциите со Европската Унија и, доколку е потребно, ќе побара активирање на тимот за хибриден одговор на НАТО.
„На литванското Министерство за надворешни работи му се дадени јасни задачи, пред сè, да координира со Европската Унија пакет дополнителни санкции против Белорусија. И тоа ќе се направи на краток рок“, рече Ругињене, додавајќи дека тие активно се консултираат и комуницираат со своите сојузници и соседи Полска и Латвија.
Иако дипломатската пошта ќе може да се испраќа преку границата, на дипломатите ќе им биде дозволено да ја преминат границата, а на граѓаните на Литванија и земјите од Европската Унија ќе им биде дозволено да влегуваат од белоруска страна, сите други движења ќе бидат затворени, истакна Ругињене.
„Вака испраќаме сигнал до Белорусија и велиме дека тука нема да се толерира никаков хибриден напад и дека ќе преземеме сите најстроги мерки за да ги спречиме таквите напади“, нагласи таа, додавајќи дека војската ќе ги собори балоните.
Член 4 им овозможува на земјите да повикаат на разговори на НАТО „секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени“.
Постапката е активирана само девет пати во историјата на НАТО, но релативно неодамна ја започнаа Полска и Естонија по два инциденти со руски повреди на воздушниот простор во септември, објави Ројтерс.




