По дебатата со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, каде што тој потценувачки се осврна на семејното потекло и на социјалниот статус на неговиот противкандидат, кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, се огласи со емотивна порака на својот Фејсбук профил.
Мециновиќ им се заблагодари на скопјани за поддршката и ја истакна својата кампања како борба во име на сите што се соочуваат со неправда и нееднаквост во општеството.
„Скопјани, ви благодарам од сѐ срце за целосната поддршка и сите пораки! Ова е генерациска борба! На сите непривилегирани и отфрлени, сите намачени и потиснати, од семејства со еден родител и семејства кои ја живеат агонијата на ова време кое е наменето за НИВ, не за НАС! Отчукуваат последните мигови на нивното време – сега сме ние на потег!“, напиша Мециновиќ.
Изјавата предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде што многумина изразија солидарност со кандидатот на Левица и осуда на навредите упатени кон него и кон сите самохрани родители во земјата.
Дебатата, која требаше да се фокусира на решенија за градот, остана запаметена по личните напади на Ѓорѓиевски, што отвори поширока јавна расправа за границите на политичката култура и јавниот говор во изборните настапи.
 




