Зголемените глобални температури убиваат по едно лице секоја минута низ целиот свет, а стапката на смртни случаи поврзани со топлината се зголемила за 23 проценти од 1990-тите, дури и откако ќе се земе предвид растот на населението, според извештајот за влијанието на климатската криза врз здравјето на луѓето, напишан од професори од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Универзитетот во Сиднеј.

Во извештајот се вели дека зависноста од фосилни горива предизвикува и токсично загадување на воздухот, пожари и ширење на болести како што е денга треската, и дека милиони луѓе умираат секоја година поради неуспехот да се справиме со глобалното затоплување, објавува денес Гардијан.
Професорката Марина Романело од Универзитетскиот колеџ во Лондон, која го водеше извештајот, рече дека извештајот „прикажува мрачна и неоспорна слика за катастрофална штета на здравјето што доаѓа од сите страни на светот“.
„Уништувањето на животите и средствата за живот ќе продолжи да ескалира сè додека не ја прекинеме нашата зависност од фосилните горива. Сведоци сме на милиони непотребни смртни случаи секоја година поради нашето доцнење во ублажувањето на климатските промени и нашето доцнење во прилагодувањето кон неизбежните климатски промени. Гледаме како клучните лидери, влади и корпорации ги напуштаат своите климатски обврски и сè повеќе ги ставаат луѓето во опасност“, рече Романело.
Истражувачите открија дека во 2023 година, владите ширум светот обезбедувале 2,1 милијарди евра дневно во директни субвенции за компаниите за фосилни горива, додека граѓаните губеле приближно иста сума поради високите температури што ги спречувале да работат на фарми и градилишта.
Во извештајот, исто така, се вели дека намаленото согорување на јаглен спасило околу 400 животи дневно во изминатата деценија и дека производството на обновлива енергија брзо расте и дека здрава иднина е невозможна ако фосилните горива продолжат да се финансираат по сегашните стапки.
Професорот Оли Џеј од Универзитетот во Сиднеј во Австралија, кој беше дел од тимот за анализа, рече дека има „околу една смрт поврзана со топлина секоја минута од годината“ во светот.
„Тоа е навистина зачудувачки број и бројките растат“, рече Оли Џеј.




